Ново истражување покажува дека еден од најчестите трикови на ракот за бегство од имунолошкиот надзор може да има и спротивен ефект: наместо да го заштити, да го изложи на нов вид напад.
Научници од Baylor College of Medicine и Универзитетот во Мичиген утврдиле дека кога туморските клетки го намалуваат MHC I, молекула што им помага на имуните клетки да ги препознаат, тие не стануваат само потешко видливи за CD8+ „убиствени“ Т-клетки. Во одредени услови, токму тоа ги прави поосетливи на CD4+ „помошни“ Т-клетки.
Во студијата објавена во списанието Nature Immunology, CD4+ Т-клетките поттикнале фероптоза, форма на клеточна смрт поврзана со железо и оксидативен стрес. Со други зборови, туморот што се обидува да избега од еден дел од имунолошкиот систем може да стане мета на друг.
Ова откритие може да има значење и надвор од онкологијата. Истите механизми биле забележани и во модели на graft-versus-host болест, сериозна компликација по трансплантација на коскена срцевина. Авторите сметаат дека резултатите отвораат пат за терапии што би ги искористиле CD4+ Т-клетките поефикасно против тумори што веќе развиле начини да им избегнат на традиционалните имунолошки напади.
За љубопитноста што нè поврзува.
Вашата донација помага науката да стигне до повеќе читатели.
Ви благодариме што ја поддржувате науката на македонски.




























