Бактерија од кимчи може да помогне во исфрлањето нанопластика

Бактерија изолирана од кимчи, традиционална корејска ферментирана храна, може да помогне во отстранувањето нанопластика од организмот. Истражувањето го спроведе Светскиот институт за кимчи, под покровителство на јужнокорејското Министерство за наука и информатичко-комуникациски технологии.

Нанопластиката се честички помали од еден микрометар, кои настануваат при распаѓањето на поголеми пластични материјали. Тие можат да навлезат во организмот преку храната и водата, а поради малите димензии потенцијално да ја преминат цревната бариера.

Научниците ја испитувале бактеријата Leuconostoc mesenteroides CBA3656 и нејзината способност да се врзува за наночестички од полистирен. Во услови што го имитираат човечкото црево, бактеријата задржала ефикасност на врзување од 57 отсто, додека кај споредбениот сој таа паднала на само 3 отсто.

Во експерименти со глувци без сопствен микробиом, животните што ја примиле бактеријата исфрлиле повеќе од двојно поголема количина нанопластика преку изметот во споредба со контролната група. Резултатите укажуваат дека бактеријата може да ги зароби честичките во цревата и да го олесни нивното исфрлање.

Сепак, истражувањето е спроведено во лабораторија и врз животни. Тоа не докажува дека јадењето кимчи или земањето пробиотици кај луѓето автоматски ги отстранува нанопластичните честички, туку отвора можност за понатамошно проучување на бактериите од ферментираната храна.