Помалку ултрапреработена храна, помалку симптоми на депресија?

Мала прелиминарна студија на Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско (UCSF), сугерира дека значителното намалување на ултрапреработената храна може да ги ублажи симптомите на депресија.

Во истражувањето учествувале 20 лица со депресија, просечна возраст од 44 години. Учесниците го намалиле внесот на ултрапреработени производи за повеќе од 85 отсто, по што биле забележани умерени до значителни подобрувања на три различни мерки за депресија. Симптомите на анксиозност исто така се подобриле, но поскромно.

Ултрапреработената храна опфаќа производи како пакувани грицки, брза храна, засладени пијалаци и други индустриски произведени намирници, кои често содржат конзерванси, емулгатори, засилувачи на вкус и вештачки бои.

Истражувачите сметаат дека можна врска меѓу исхраната и менталното здравје е оската црево–мозок. Според една хипотеза, честото консумирање ваква храна може да ја наруши заштитната слузница на цревата и да придонесе за хронично воспаление, што би можело да влијае врз мозокот и расположението.

Студијата била организирана така што едната група четири недели ја задржала вообичаената исхрана, а другата преминала на режим со малку ултрапреработена храна. Потоа групите ги замениле режимите. Сите учесници имале висок индекс на телесна маса и најмалку едно метаболичко нарушување, како висок крвен притисок, дијабетес или зголемен LDL-холестерол.

Бидејќи истражувањето опфатило мал број луѓе, резултатите сè уште не можат да докажат дека промената на исхраната директно ја предизвикува подобрената состојба. Истражувачите планираат поголема студија, чие започнување е очекувано во 2028 година.