Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ сними детална слика од N159 — млад регион во кој се раѓаат ѕвезди, оддалечен околу 161.000 светлосни години во Големиот Магеланов Облак, сателитска галаксија на Млечниот Пат.
Регионoт се протега на приближно 230 светлосни години и е таканаречена H II област, исполнета со јонизиран водород. Густите облаци од студен молекуларен водород се стегаат под дејство на гравитацијата, создавајќи нови ѕвезди. Најмасивните и најжешките од нив испуштаат силно ултравиолетово зрачење, кое го јонизира околниот гас.
Камерата NIRCam на Веб ги открива сложените структури што ги создаваат ѕвездените ветрови: густи гребени, шуплини и испреплетени нишки од гас. Портокаловите облаци се поврзани со светлина од полициклични ароматични јаглеводороди, додека сините области го покажуваат јонизираниот водород. Темноцрвените нишки се составени од студен молекуларен водород и привремено ги штитат младите ѕвезди од силното зрачење.
N159 е помлада од три милиони години и содржи илјадници ѕвезди во најраните фази од нивниот развој. Новите набљудувања овозможиле откривање и на многу слаби ѕвезди со маса помала од една десетина од Сончевата, како и разликување на целосно развиени ѕвезди од млади објекти сè уште обвиткани со материјалот од кој се формираат.
Истражувањето покажало дека западниот дел на N159 содржи поголема концентрација на млади ѕвездени објекти. Тоа укажува дека таму колапсот на молекуларниот облак и создавањето ѕвезди се во порана фаза.
Бидејќи Големиот Магеланов Облак има помал удел на елементи потешки од водородот и хелиумот во споредба со Млечниот Пат, N159 им овозможува на астрономите да проучуваат услови слични на оние во раниот универзум. Податоците се дел од програмата на Веб за следење на ѕвездите низ различни фази од нивната еволуција.
































