КТ-скенирањето за коронарен калциум може да помогне во проценката на ризикот од срцев и мозочен удар, но ново десетгодишно истражување покажува дека не им е подеднакво корисно на сите.
Научници од Northwestern Medicine анализирале податоци од повеќе од 6.000 возрасни лица на возраст од 45 до 79 години. Секој учесник имал направено скенирање на коронарните артерии и проценка со калкулаторот PREVENT, кој го пресметува ризикот од кардиоваскуларен настан врз основа на возраста, крвниот притисок, холестеролот и други здравствени показатели.
Скенирањето го мери наталожениот калциум во наслагите на коронарните артерии. Повисокиот резултат обично укажува на поголема количина калцифицирани наслаги и повисок ризик од идни кардиоваскуларни проблеми.
Во целата анализирана група, додавањето на резултатот од скенирањето кон PREVENT донело само мало подобрување во предвидувањето. Во текот на десет години, срцев или мозочен удар доживеале околу 6 отсто од учесниците, а точноста на моделот се подобрила од 0,73 на 0,75.
Најголема корист имале луѓето чиј почетен ризик бил граничен или среден — односно оние со проценет десетгодишен ризик од 3 до 9 отсто. Кај нив, резултатот од калциумското скенирање можел појасно да покаже дали реалниот ризик е помал или поголем од првичната проценка, што може да помогне при одлуката за превентивен третман.
Истражувачите предупредуваат дека рутинското скенирање кај лицата со низок ризик може да значи непотребно изложување на зрачење, дополнителни прегледи и трошоци. Кај лицата со висок ризик, пак, резултатот често нема да ја промени одлуката, бидејќи на нив најчесто и онака им се препорачува терапија со статини.
Студијата, објавена во списанието JAMA, укажува дека PREVENT може добро да го процени кардиоваскуларниот ризик и без дополнително скенирање. Потребни се уште истражувања кај помлади лица и кај групи со повисок ризик, вклучително и возрасни лица од јужноазиско и филипинско потекло.
































