Кучињата и мачките може да носат соеви на Klebsiella pneumoniae – бактерија што понекогаш живее безопасно во организмот, но може да предизвика инфекции на уринарниот тракт, крвотокот и белите дробови. Кога е отпорна на антибиотици, лекувањето станува значително потешко.
Истражувачи од Универзитетот во Борнмут и Универзитетските болници во Дорсет анализирале 712 примероци од кучиња и мачки во 25 земји. Тие ги споредиле со повеќе од 38.000 геноми на бактерии изолирани од луѓе.
Околу 87 отсто од животинските примероци припаѓале на бактериски линии што веќе се пронајдени и кај луѓето. Научниците нагласуваат дека генетската сличност сама по себе не докажува дека бактериите се пренесуваат меѓу миленичињата и нивните сопственици.
Резистентноста била честа: речиси половина од примероците од животни носеле гени поврзани со отпорност кон клинички значајни антибиотици. Мултирезистентност била утврдена кај 80 отсто од примероците од мачки и кај 56 отсто од примероците од кучиња.
Особено внимание предизвикал сојот ST147. Истражувачите откриле тесно сродни примероци кај мачки, кучиња и луѓе, а некои биле речиси генетски идентични. Сепак, студијата не утврдува насока на пренос ниту потврдува дека миленичињата се извор на инфекција кај луѓето.
Авторите сметаат дека резултатите ја нагласуваат потребата миленичињата да бидат вклучени во поширокото следење и контролирање на антимикробната резистентност – проблем што ги засега и хуманата и ветеринарната медицина.
































