Низ Земјата, атмосферата и нашите тела постојано минуваат субатомски честички од вселената. Иако не можеме да ги видиме или почувствуваме, евтин уред развиен на Универзитетот во Делавер може да го регистрира нивното присуство.
Уредот CosmicWatch го осмислил физичарот Спенсер Аксани. Составен е од електронски компоненти што чинат околу 100 долари, а при минување на мион испушта светлосен сигнал и го зачувува мерењето за подоцнежна анализа.
Мионите се создаваат кога високоенергетските космички зраци, кои потекнуваат од експлозии на ѕвезди и други екстремни настани, удираат во атомите во горните слоеви на атмосферата. Тие можат да минат низ воздухот, карпите, ѕидовите, па дури и низ човечкото тело.
Со мерење на мионите, научниците можат да добијат информации за енергијата, масата и насоката на честичките што го започнале процесот. Космичките зраци се поврзани со настани како супернови, гама-зрачења и блазари. Мионите имаат и важно место во историјата на физиката, бидејќи мерењата од 1940-тите помогнале во експерименталната потврда на специјалната теорија на релативноста.
Бидејќи оставаат препознатлив енергетски траг, мионите можат да се користат и за снимање структури скриени зад големи количества материјал. Токму со таква технологија во 2016 година беше откриен дотогаш непознат коридор во Големата пирамида во Гиза.
Аксани го создал првиот CosmicWatch во 2017 година, додека бил докторанд на МИТ, со намера да направи компактен детектор за опсерваторијата IceCube на Антарктикот. Подоцна уредот бил приспособен за училишта и универзитети, каде што студентите можат сами да го состават и да изведуваат вистински експерименти од физиката на честички.
Најновата верзија е поиздржлива при високи нивоа на радијација, побрзо собира податоци и може да ги следи условите во околината. Денес CosmicWatch се користи за калибрација на големи детектори во експериментите NuDot и Coherent CAPTAIN-Mills, а една приспособена верзија била испратена со балон на височина од околу 30 километри. Мерењата покажале како се менува протокот на космички зраци со зголемувањето на надморската височина.
Истражувачите размислуваат и за глобална мрежа во која илјадници луѓе би ги споделувале локалните мерења на мионите. Слична технологија би можела да се користи и на идни вселенски мисии, каде што групи сателити би разменувале информации за условите во вселената и би реагирале настани како соларни блесоци.
































