Молекула од цревните бактерии поврзана со ризикот од Алцхајмерова болест

Молекула што ја создаваат одредени бактерии во цревата може да биде поврзана со поголем ризик од Алцхајмерова болест и побрзо опаѓање на когнитивните способности, покажува ново истражување на Универзитетот во Висконсин-Медисон, објавено во списанието „Nature Communications“.

Истражувачите го проучувале имидазол пропионатот, познат како ImP — соединение што настанува кога цревните бактерии ја разградуваат аминокиселината хистидин. Неговото производство значително се разликува меѓу луѓето, а и релативно мал број бактерии може да имаат забележливо влијание врз организмот.

Во експерименти со глувци, ImP што навлегол во мозокот бил поврзан со поголемо наталожување на абнормални бета-амилоидни и тау-протеини. Овие протеини се меѓу главните биолошки обележја на Алцхајмеровата болест и се поврзуваат со оштетување и умирање на нервните клетки.

Потоа тимот ги анализирал крвните примероци на речиси 1.200 учесници во истражувања за превенција и рано откривање на Алцхајмерова болест. Луѓето со повисоки концентрации на ImP почесто имале биолошки показатели за нарушена функција на нервните клетки, а со текот на времето покажале и побрзо влошување на меморијата и размислувањето.

Научниците откриле и генетска варијација поврзана со повисоки нивоа на ImP во крвта. Ја носеле околу 43 проценти од учесниците, а истражувачите претпоставуваат дека може да влијае врз тоа колку ефикасно бубрезите го отстрануваат соединението од крвотокот.

Наодите сè уште не докажуваат дека ImP директно предизвикува Алцхајмерова болест. Сепак, тие отвораат можност за развој на лекови што би го намалиле нивото на ова соединение во крвта. Промените во исхраната сами по себе веројатно нема да бидат доволни, бидејќи хистидинот е неопходен за организмот и се наоѓа во бројна храна богата со протеини.