Оптичка вештачка интелигенција открива дипфејкови со точност од речиси 98%

Истражувачи од Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес (UCLA), развија систем со вештачка интелигенција што користи светлина за брзо откривање на дипфејк видеа. Технологијата може истовремено да анализира 15 или повеќе видеоснимки, наместо да ги обработува една по една.

Во срцето на системот е оптички невронски процесор. Дигитален енкодер најпрво ги издвојува просторните, спектралните и временските карактеристики од секое видео, а потоа информациите се претвораат во светлосен фазен образец. Тој минува низ пасивен оптички декодер, каде што дифракцијата на светлината го извршува дел од пресметувањето.

При тестирање со 15 видеа од базата Celeb-DF, системот постигнал просечна точност од 97,79 проценти. Чувствителноста изнесувала 99,86 проценти, што значи дека системот многу успешно ги препознавал манипулираните видеа, додека специфичноста била 95,72 проценти.

Кога капацитетот бил зголемен на 18 видеа во еден оптички премин, точноста останала висока и изнесувала 96,13 проценти. Истражувачите утврдиле и дека додавањето две оптимизирани дифракциски слоеви ја подобрило успешноста за околу 6,8 проценти при посложени манипулации, без значително зголемување на потрошувачката на енергија или доцнењето.

Системот бил испитан и со видеа создадени со генеративниот модел VEO-3 на Google. Со минимално дополнително прилагодување, постигнал точност од 94,80 проценти и чувствителност од 97,61 проценти на претходно невидени видеа. Ова укажува дека пристапот може да се приспособува и на новите генератори на синтетичка содржина.

Оптичкиот процесор покажал отпорност и кон црно-кутија напади, а начинот на кој дел од пресметките се вградени во физичкиот оптички хардвер го отежнуваат неговото копирање и приспособувањето на измамнички промени. Системот продолжил да работи стабилно и при шум, заматување, JPEG-компресија и мали отстапувања во поставувањето.

Истражувачите не го замислуваат процесорот како целосна замена за напредните дигитални детектори. Наместо тоа, тој би можел да служи како брва прва линија на проверка: големи количини видеа би се анализирале паралелно, а сомнителните записи би се испраќале на подетална дигитална анализа.

Комбинацијата од оптичка обработка за брзо филтрирање и конвенционални модели за детална проверка би можела да најде примена во модерирање содржина, проверка на автентичноста на медиумите и безбедносни системи. Студијата е објавена во списанието eLight.